Наумоски: Безидејното и расипничко трошење на ВМРО ДПМНЕ уште еднаш излегува на површина

Безидејното и расипничко трошење на ВМРО ДПМНЕ уште еднаш излегува на површина. Наводните вложувања што криминалните структури на ДПМНЕ помпезно ги презентираа пред јавноста во Охрид, како изградбата на тениските игралишта и повеќенаменското игралиште кај Билјанини Извори зјаат празни, бидејќи нив апсолутно никој не ги користи. А и како би ги користел, кога локалната самоуправа одлучила да ги заклучи. Дека овие таканаречени проекти се прават само за да се замајува јавноста и да се креира заблудата дека нешто се работи, говори и состојбата во која тие се наоѓаат. Ова денес на прес-конференција која се одржа кај новите тениски игралишта во рамки на комплексот „Билјанини Извори“ го истакна Мишел Наумоски, портпарол на ОО СДСМ Охрид.

„Додека околу тениските игралишта сеуште има отворени и незаштитени кабли, повеќенаменското игралиште е целосно прекриено во птичји измет. А него, очигледно нема кој да го исчисти. Па кој би спортувал во објект прекриен во измет, дури и да успее да влезе? Никој почитувани, апсолутно никој. Ако намената на спортските објекти е да им понудат алтернатива на младите, нивно катче, место каде ќе се дружат и спортуваат, тогаш зошто истите се заклучени со катинари? Или можеби тие се приватни игралишта за негување на спортскиот дух помеѓу членовите на ДПМНЕ, па обичните граѓани немаат пристап?

„Додека локалната самоуправа на ВМРО ДПМНЕ сеуште е во заблуда што е то капитален проект, сеуште нема ни трага ни глас од затворениот градски базен кој со години го најавуваат, а сега наводно на големо почнале да го градат. Таму има само купишта земја и неколку метални шипки. Ете толку и значи Охрид на тендер фамилијата, толку и значи и на локалната самоуправа, која наместо да реализира проекти кои навистина ќе им значат на охриѓани како затворениот базен, тие градат патеки, патечиња, кружни текови и цртаат хотели каде ќе стигнат. Градоначалникот Бакрачески, па и директорот на ЈП Билјанини Извори, Ристе Мишев ја користат секоја можност јавно да фантазираат за некаков развој на спортски туризам, а немаат ниту спорт, ниту туризам. Бакрачески пред некое време изјави дека нивната стратегија за туризам се разликувала од другите, и во право е. Неговата стратегија се разликува по тоа што не носи никаков бенефит за градот. Зборува за некакви бројки од Државниот завод за статистика, па и бројки од Секторот за туризам и како биле задоволни од постигнатото. Чудно, но досега, ниту јас, а верувам ни вие, ниту сме чуле, ниту сме виделе Бакрачески некогаш да излезе со конкретни и апсолутни бројки за тоа колку ноќевања се отвариле и уште поважно, колку средства тие донеле во градот. Наместо тоа, ние мора да веруваме на суперлативите со кои Бакрачески се расфрла во секоја дадена можност. Толку и од седмата најтранспарентна општина во Македонија. Нивната транспарентност е само на хартија, а кога на обичниот граѓанин му е потребна информација, тие треба да играат детективи или да вежбаат истражувачко новинарство.“- рече Наумоски и уште додаде:

„Ова што Бакрачески и неговите партиски шефови се обидуваат да ви го продаваат како проекти, се само популистички приказни за мали деца. После 29ти јануари СДСМ со формирањето влада ќе го означи почетокот на новиот живот во Македонија, живот во кој Охрид повеќе нема да биде периферија, туку центар на културното, економското и секако спортското живеење во земјата. Охрид го заслужува затворениот базен, Охрид заслужува и нова автобуска станица, дом за стари лица. Охрид заслужува живот. СДСМ ќе го донесе животот во Охрид.“- додаде Наумоски.