СДСМ: Недозволиво е да се повикуваат ученици да напуштаат настава за да бидат дел од протести

ОО на СДСМ Охрид испрати соопштение до медиумите во кое стои:

„Укажуваме дека директорот и надлежните во охридската гимназија „Свети Климент Охридски“ имаат должност да ги заштитат учениците од партиски злоупотреби. Недозволиво е ученици преку истакнати летоци да се повикуваат да напуштаат настава за да бидат дел од протести на кои се поттикнува и шири етничка и национална омраза. Во прилог е летокот кој е објавен и се дели меѓу учениците од втората смена.

Никој нема право да ги манипулира и злоупотребува ученици за остварување партиски цели.

Учениците, но и нивните родители имаат право да се чувствуваат безбедни, без какви било притисоци за време на училишниот ден.

Злоупотребата на деца и ученици, за лични и партиски цели е кривично и дело и секој кој ќе стори ваков прекршок ќе мора да одговара.

Очајните обиди на ВМРО-ДПМНЕ да спречат мирен трансфер на власта за да го спасат од одговорност Никола Груевски, со користење деца, како и лаги и фалсификати како летоците во прилог нема да успеат. Мнозинството граѓани избраа промени и нова реформска Влада и тоа ќе се случи.

Училиштата ќе бидат места каде што децата ќе бидат воспитувани и образувани во духот на заедништвото, еднаквоста и демократските вредности. Ќе има живот за сите граѓани во Македонија.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Охрид.