Италија 1:1 Македонија

Македонската фудбалска репрезентација го одигра деветтиот натпревар во квалификацискиот циклус за пласман на СП 2018 во Русија. Во Торино, нашата репрезентација и гостуваше на Италија.

Натпреварот започна со пресинг од страна на италијанската репрезентација. Агресивната игра на Италија траеше само во првите десетина минути. Во 17 минута Пандев упати посериозен удар, но голманот на Италија, Буфон успеа да ја скроти топката. Средината од првото полувреме се карактеризираше со не многу течна игра, со многу прекини и грешки. Како што наближуваше полувремето, Италија постојано настојуваше кон нашиот гол, а тоа резултираше со гол во 40 минута со кој Италија дојде во водство од 1:0. Стрелец на голот беше Киелини.

Второто полувреме започна без некои посериозни закани кон двата голови. Првата замена во нашата репрезентација беше извршена во 64 минута, кога на местото од Ферхан Хасани во игра влезе Александар Трајковски. Во 75 минута поради повреда, од игра излезе Дарко Велкоски, а на негово место во игра влезе Ѓоко Зајков. Во 77 минута во акција која почна од нашиот голман Димитриевски, преку Несторовски  и Пандев, беше проигран Александар Трајковски кој биеше прецизно и го совлада Буфон за израмнување на 1:1. Во 80 минута Македонија ја изврши и третата замена, на местото од Горан Пандев во игра влезе Иван Тричковски. Следуваа напнати 10 минути во кои Италија бараше гол за победа, но Македонија успеа да издржи до крај и да освои голем бод на ова гостување.

По овој натпревар, на врвот од табелата се Шпанија со 25 бодови, пред Италија со 20 и Албанија со 13 бодови. Македонија со 8 бодови се наоѓа на 5 место пред Лихтенштајн кој е без бодови, а зад Израел кој има 12 бодови.

До крајот од овие квалификации Македонија треба да одигра уште еден натпревар, против Лихтенштајн на 9 октомври.

WebOhrid