Вечер на Европската Унија на „Охридско Лето“

На програмата на „Охридско Лето“ вечерва, во Света Софија фестивалските возбудувања продолжуваат со концерт на Baltic Guitar Quartet во рамките на Вечер на Европска Унија.  

Концертот на познатиот и атрактивен квартет на гитари, започнува од 21 часот. На програмата се дела на Бокерини, Рукс, Рубенс, Пјацола, Брамс, Metallica. 

„Квартетот BGQ е водечки ансамбл на гитари во Балтичките земји, а членовите на квартетот се победници  на различни натпревари и активни солисти, а нивната музика е сензитивна, колористична и рафинирана без претенциозност“, вели селекторката на музичкиот дел на програмата Гордана Јосифова Неделковска.

Музичкиот селектор изрази задоволство што фестивалот Охридско лето ја продолжува традицијата, вклучувајќи по 7ми пат концерт насловен како „Вечер на Европска Унија“.

„Секое фестивалско издание, „Вечер на Европската Унија“ е посебно интересен настан, секогаш со учество на врвни уметници кои доаѓаат од земјата која е претседавач на ЕУ во тој период. Оваа година, ја имаме честа наши гости да бидат познатиот Baltic Guitar Quartet кои се за прв пат во Македонија и на фестивалот Охридско Лето“, рече Јосифова  Неделковска која  од името на Дирекцијата на фестивалот се заблагодарува на канцеларијата на Европската Унија во Македонија за долгогодишната соработка и подршка за реализација на овој концерт со надеж дека оваа успешна соработка ќе опстојува уште долги години.

Baltic Guitar Quartet се оформи во 2004 а во сегашниот состав квартетот функционира од 2008 г., кога белгискиот изведувач Крис Рубенс им се придружи на Зигмас Чепуленас, Сергеј Криницин и Саулиус С. Липчиус. Сите музичари се победници на различни натпревари и активни солисти, а нивната музика е сензитивна, колористична и рафинирана без претенциозност. Квартетот се усовршувал во областа на камерната музика со проф. Петрас Кунцас, како и во соработката со истакнатите музичари и ансамбли: Los Angeles Guitar Quartet, Оскар Гилија, Пепе Ромеро, Роланд Диенс, Дејвид Расел, Лаура Јанг и дуото Бандини Чијачијарета. Репертоарот на Baltic Guitar Quartet содржи композиции од различни периоди – од Ренесанса до современа музика. Потрагата по уникатниот звук и нови композиции резултира со нивните сопствени обработки на делата од класичниот репертоар, Балканската музика и рок музиката, а специјално за нив создаваат и познатите композитори. Baltic Guitar Quartet активно настапува со еминентните солисти и ансамбли и е присутен на главните концертни подиуми во Австрија, Белгија, Кина, Кипар, Данска, Естонија, Италија, Јапонија, Македонија, Молдова, Полска, Русија, Чешка, Турција, Украина, Германија, и Велика Британија, настапувајќи во „Berlin Philharmonic“, „Royal Castle“ во Варшава, „Southbank Center“ и „St. James‘s Church“ во Лондон, „Forbidden City Concert Hall“ во Пекинг, како и на најзначајните европски фестивали.