Денес во Основното училиште „Свети Климент Охридски“ во Охрид учениците имаа средба со познатиот охридски и македонски писател и поет Видое Видически. На овој начин, учениците се запознаа со неговиот живот и творештво, целосно посветени на Охрид и охриѓани.
„Секое среќавање со младото поколение мене ми чини задоволство. Јас сум среќен и задоволен што бев денеска на оваа средба и се сретнав со ученици кои што покажаа свој интерес за творештвото во областа на литературата“. – изјави за WebOhrid познатиот поет и писател Видое Видически.
Ученици од училиштето „Свети Климент Охридски“ читаа извадоци од неговите романи за деца: „Големата шума“, „Таинствени води“ и „Времето на црвените рози“, а низ разговорот со него открија многу непознати детали околу неговата инспирација, стил и воопшто за светот на пишуваниот збор.
Директорката на основното училиште Свети Климент Охридски, Славица Илиќ, во име на ова училиште и во името на сите наставници, сите вработени како и ученици изрази задоволство за средбата со Видически и како што рече оваа средба претставуваше вистинска чест за сите нив, за целото училиште. Во името на целиот колектив од ова училиште, Илиќ во знак на благодарност и почит му врачи благодарница на македонскиот писател. Додека пак Видически на училишната библиотека и подари дел од неговото творештво, со што учениците ќе можат да ги читаат неговите дела.
Симболично беше означен и почетокот на работа на возобновената веб – страница на Основното училиште „Свети Климент Охридски“, каде што во иднина учениците, нивните родители и воопшто јавноста, преку неа ќе можат најдиректно да се информираат за вкупното работење на оваа образовна институција.
На крај охридскиот и македонски поет Видое Видически упати порака до сите ученици.
„Моја препорака е да седнат да учат, да читаат, да играат, нормално, меѓутоа потребно е дополнително да усовршуваат со проширувањето на својот хоризонт со следење на литература од повеќе автори“. – истакна Видически.
Средбата со писателот Видое Видически и ребрендираната веб – страница се дел од активностите кои се преземаат во рамките на проектот „Медиумска писменост и култура“ поддржан од Општина Охрид.
WebOhrid