Кривична пријава за противправна сеча на дрва во струшко

Поради постоење на основи на сомнение за сторено казнено дел „Шумска кражба“ полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против К.А.(42) од селото Богојци З.Т.(30) од селото Долно Татеши М.А.(34) од селото Богојци како и против албанските државјани В.Ќ.(20) А.Н.(33) и Ф.Ќ(22).

Пријавените, на 21-ви овој месец во 22 часот и 30 минути се затекнати при транспорт на вкупно 37 метри просторни огревно дабово дрво наменето за понатамошна продажба. Пријавените претходно извршиле противправна сеча во местото „Рабини дупки“ атар на струшкото село Брчево по што 21 метро дабовото дрво натовариле на товарно возило марка „Фап“ со струшки регистарски таблици а 16 метри даб сместиле во товарно возило марка „Мерцедес“ без регистарски таблици.

Од страна на полициските службеници, двете товарни возила се запрени на земјениот планински пат на околу 500 метри од селото Брчево. Притоа констатирано е дека пријавените кои биле во товарните возила не поседуваат испратница или друг документ за превоз и потекло на дрвата. Пријавените немале никакви лични документи за идентификација а албанските државјани имале нерегулиран и непријавен престој во Република Македонија. Пријавените македонски државјани како лица што вршеле превоз на дрва не ја почитувале законската обврска да пријават сеча и транспорт на дрва во „Македонски шуми“  со цел да добијат испратница, а дабовото дрво да биде жигосано со јасно видлив жиг. 

Товарните возила и огревното дабово дрво се одземени со потврда за одземени предмети и предадени во складот за огревно дрво на подрачната единица на „Македонски шуми“ во Струга.