Кривична пријава за лице од Гостивар поради кражби во домови во повеќе градови

Поради постоење на основи на сомнение за сторени вкупно девет казнени дела од кои „Тешка кражба“ и една „Кражба“, секторот за внатрешни работи Охрид, поднесе кривична пријава против  Б.И.(23) од Гостивар.

Се работи за лице кое кражбите ги извршило во текот на овој како и во месец декември минатата година. Негова цел биле куќи чии сопственици биле на привремена работа во странство. Во доцните вечерни часови, Б.И. со употреба на подесен алат ги кршел бравите и катинарите на влезните врати од каде по целосното пребарување одземал мобилни телефони, лап топ компјутери, часовници, златен и сребрен накит и други вредни предмети кои ги продавал во Струга и во други градови. 

Пријавениот успевал во куќите да влезе и со насилно обивање на ролетните од прозорците и вратите кршејќи ги со удари со нозе и раце. При еден таков обид за насилен влез во куќа во селото Орман, се вклучил алармниот систем по што пријавениот избегал. Во друга прилика по влез во куќа на улицата „Марко Нестороски“  тој бил забележан од човек кој ја одржувал куќата по што успеал да избега. 

Пријавениот Б.И. често преноќувал во куќите каде насилно влегувал по што рано утрото со одземените предмети незабележан заминувал. Тој е добро познат на службата поради низа извршени кражби во повеќе градови во земјата за што биле поднесувани кривични пријави.