Величенствено и достоинствено! Прекрасно и незаборавно! Вака напросто може да се опише збратимувањето на двете училишта „Ванчо Николески“ од Лескоец (Македонија) и „Светозар Марковиќ“ од Лесковац (Србија) кои во Лесковац во Републкика Србија, на ден 12.12.2013 година пред стотина присутни гости ја потпишаа Повелбата за збратимување.
Имено, осумчлена делегација од ОУ „Ванчо Николески“ – Лескоец, предводена од синдикалниот лидер проф. Димче Донески, од 11 до 13 декември 2013 беа гости на своите колеги од „Светозар Марковиќ“ – Лесковац, каде остварија бројни активности предвидени и со програмата на домаќините, но и со начелата на Повелбата.
Имено, по веќе претходната прва средба на синдикалните лидери проф. Александар Саша Николиќ и проф.Димче Донески, во јуни оваа година, и по иницијатива и активно вклучување и покана од страна на проф. Јовица Марјановиќ, директорот од училиштето „Светозар Марковиќ“, конечно за време на нивниот овогодишен патронат во кој училиштето во Лесковац прослави 109 години од постоењето, на еден свечен и величенствен собир и двете страни ја потпишаа Повелбата за збратимување.
Чинот на потпишувањето со свое присуство го удостоија и високи и видни гости меѓу кои и претставникот и заменик на градоначалникот на град Лесковац, г. Бобан Пешиќ, директорите на бројни основни и средни училишта од Лесковац, директорот на Школската Управа, просветниот државен инспектор, претседателот на синдикатот на Србија за Јабланичкиот регион, г. Александар Ниќиќ, како и други гости од бројни локални и државни српски институции. Особена чест и удостојување кон чинот на ова збратимување покажа и амбасадата на Република Македонија во Белград во чие име присуствуваше Неговата Екселенција, Марјан Јованоски, конзул во македонската амбасада во Република Србија, како и г. Борче Величкоски – претседател на Националниот совет на Македонците во Србија. Присутни беа и претставници на македонското друштво „Илинден“ од Лесковац, како и бројни претставници на локалните и националните медиуми од Лесковац и Србија.
Со Повелбата се предвидуваат бројни активности, заеднички средби, дебати, семинари, екскурзии и интернет-комуникации во кои ќе се разменуваат позитивни искуства од наставната практика и воопшто од условите за работа во функција и на подобрување на воспитно-образовниот процес и за бенефит на просветните работници, но пред се и на учениците од двете училишта.
Делегацијата од Лескоец имаше прилика да се запознае со бројни проекти кои училиштето „Светозар Марковиќ“ ги има сработено или ги работи, а преку следењето на свечената приредба на учениците, се запозна и со темите и визиите кои ова училиште ги има во својата агенда. Истовремено, претставниците од нашето училиште од Лескоец ги запознаа домаќините со личната карта на ОУ „Ванчо Николоеки“, како и со поважните новини во образовниот систем во Република Македонија. Притоа беше истакната обострана желба за континуирано следење и размена на искуствата, а како посебна активност се предложи да се сработи еден заеднички проект кој ќе има не само македонско-српска проблематика, туку ќе биде презентиран и како позитивно решение и од корист и за другите европски образовни системи.
Во текот на трите работни дневни агенди, наставниците од Лескоец го посетија Центарот за стручно усовршување на образовниот кадар според кој секој наставник е должен да се усовршува, а ја проследија и презентацијата за тоа како и кои звања се можни да се стекнат во српската наставна пракса.
По ваквите работни активности се најде време и за одѕив кон уште две паралелно упатени покани: делегацијата на ОУ „Ванчо Николески“ да присуствува на Денот на Здружението на Македонците од Лесковац, ден во кој Локалната самоуправа им додели нови работни простории; и поканата од Регионалниот Одбор на Српскиот Синдикат за Образование (СОС) нашите наставници да бидат нивни гости на едно заедничко дебатно матине во кое разменија повеќе мислења од областа на правата на просветните работници.
Покрај вака густо збиената агенда на охридската делегација, се немаше многу време за детален разглед на градот Лесковац, но прекрасните и искрено гостопримливи домаќини тоа го понудија за следната повторна средба во Лесковац. Дотогаш, во следните неколку месеци, вработените и во двете училишта ќе се подготвуваат за мајската заедничка научно–стручна и рекреативна средба во Охрид, по повод прославата на патронатот на училиштето „Ванчо Николески“, прослава која пак се совпаѓа и со Денот на Европа.
Имајќи го предвид значењето на ова збратимување на две училишта од два града на две соседни држави, нашата делегација со бројни рекламни материјали и сувенири на достоен начин го промовира, не само училиштето во Лескоец, туку и градот Охрид и општината Охрид, а преку нив и Република Македонија. Фотографиите кои следат нека ви ја дораскажат успешната приказна на едно величенствено и достоинствено збратимување.
текст и фото: Дим Дон