Селекторот на најдобрата репрезентација на Македонија, Бошко Ѓуровски го објави списокот на играчи за контролниот натпревар против Латвија кои ќе се одигра на 5 март 2014 година на Националната арена „Филип Втори“ во Скопје. На повикот на Ѓуровски на 2 март во хотелот „Гранд Плаза“ треба да се јават следните 22 фудбалери.
ГОЛМАНИ: Томе Пачовски (Мехелен, Белгија), Кристијан Наумовски (Динамо Букурешт, Романија) ОДБРАНА: Даниел Георгиевски (Стеауа, Романија), Александар Тодоровски (Штурм, Австрија), Бобан Грнчаров (Таврија, Украина), Ванче Шиков (Волин, Украина), Даниел Мојсов (Бран, Норвешка), Горан Попов (ВБА, Англија), Кире Ристевски (Славија, Бугарија) СРЕДЕН РЕД: Мухамед Демири (Ст. Гален, Швајцарија), Остоја Стјепановиќ (Висла, Полска), Стефан Спировски (Берое, Бугарија), Ферхан Хасани (Брондби, Данска), Иван Тричковски (Васланд Беверен, Белгија), Агим Ибраими (Каљари, Италија), Марио Ѓуровски (Муангтонг Јунајтед, Тајланд), Муарам Муарем (Карабах, Азербејџан) НАПАД: Мирко Ивановски (Астра, Романија), Јован Костовски (Леувен, Белгија), Дејан Блажевски (Хазар, Азербејџан), Бесарт Ибраими (Паралимни, Кипар), Крсте Велкоски (Сараево, БиХ).
„Најголем дел од играчите беа на списокот и на натпреварите од квалификациите за Светското првенство во Бразил. Нашата селекција до 21 година на 5 март има квалификациски натпревар со Португалија и неколку фудбалери на кои сметаме во следните наши натпревари се во тимот на Бобан Бабунски, мислам дека нивниот натпревар со Португалија има многу поголемо значење во овој момент и низ заеднички консултации одлучивме дел од играчите да бидат во тимот до 21 година. Мојата цел е да им ги пренесам идеите на играчите за тоа како каков фудбал посакувам да играме, заедно со мојот тим ќе го видиме потенцијалот на фудбалерите кои се повикани и ќе ги поставиме целите. Натпреварот е пријателски, но тоа не значи дека резултатски е неважен, ние постојано треба да се стремиме кон подобар рејтинг и позитивни резултати. Во овој момент мислам дека играчите кои се на списокот се подготвени да одговорат на предизвикот. Повеќето од фудбалерите веќе се во натпреварувачки ритам и сметам дека квалитетно ќе одговорат на повикот. Верувам во нашата репрезентација, знам дека доколку одиграме квалитетно, агресивно и со многу енергија можеме да ја оствариме целта. Отворено ја бараме и поддршката од публиката, навивачите ни се потребни, ние ќе се обидеме да ги придобиеме со добра игра. Натпреварот со Летонија е прв за мене на селекторската функција, ние ќе го дадеме најдоброто од себе да донесеме среќа, радост и гордост. Можеби во овој момент изгледа преамбициозно, но ние сме спортисти и не смееме да размислуваме поинаку. Наша цел е да го направиме нашиот фудбалски живот полесен, а луѓето и навивачите да бидат во исчекување на нашиот следен натпревар“, изјави селекторот на А репрезентацијата, Бошко Ѓуровски.
Првиот тренинг нашата репрезентација ќе го одработи во понеделник, 03 март, во 16:40 часот на терените во комплексот „Куќа на фудбалот“. Во вторник, 04 март, репрезентацијата ќе тренира на Националната арена „Филип Втори“ од 16:30 часот.