Основците од „Христо Узунов“ се запознаа со функционирањето на Локалната самоуправа

Во рамки на серијата  редовни  посети, а  како дел од училишните  проектни  активности, денес на гости во Општина Охрид беа учениците од четврто одделение во Основното училиште „Христо Узунов“. Секретарот на Општината Димитар Спасески во улога на домаќин, ги запозна младите охриѓанчиња со начинот на функционирањето на Локалната самоуправа.

Децата во улога на градоначалник, претседател на совет, секретар и градски советници, во големата сала импровизираа  седница на совет, а секретарот Спасески им даваше информација прилагодена на нивната возраст на секое поставено прашање. Младите се запознаа со надлежностите на Градоначалникот и на останатите стручни служби, а посетата ја заокружија со обиколка низ општинската зграда во која беа опфатени кабинетот на градоначалникот како и просториите на другите  служби.

Најмладите со низа впечатоци и доживувања ја напуштија општинската зграда. За нив најпривлечен беше кабинетот на градоначалникот и салата во која се одржуваат седници па посакаа и тие да бидат идните градски функционери.