Заев: Ова не е волјата на народот, ќе го разберат тоа на 27-ми април

Резултатот од првиот круг за избор на претседател на Република Македонија не е воопшто очекуван ниту од нас како опозиција, ниту според наше верување од мнозинството граѓани на нашата земја, рече синоќа на прес конференција, претседателот на СДСМ Зоран Заев.

 „Во изминатиот период бевме сведоци на масовна поддршка на опозицијата и нашиот кандидат за претседател на државата. ВМРО-ДПМНЕ исплашена од губењето на власта, преку системска кражба на гласови во деновите пред и на денот на изборите ја спречи волјата на граѓаните. Крајниот резултат е нов удар врз кревката демократија во Македонија. Но, граѓаните на Македонија ја знаат вистината. Ние сме тука заедно со вас, граѓаните, во најтешките моменти. Да не дозволиме режимот да триумфира. Овој срам во првиот круг од изборите нема да дозволиме да се повтори во вториот изборен круг.

Ова е срам за оваа режимска власт и само ја покажува нивната вистинска слабост. Убеден сум дека на 27-ми април граѓаните на Македонија заедно со нас ќе се кренат во одбрана на својата земја и победа над овој режим.
 
Во вториот круг ќе имаме сосема различни резултати. Ќе бидеме уште помасовно присутни на избирачките места, а во меѓувреме ќе бидеме насекаде низ Македонија заедно со граѓаните. Нема да дозволиме демократијата во Македонија да биде прегазена по којзнае кој пат. Наша обврска е да се избориме за нашето право за слободни и фер избори.
 Волјата на народот мора да се почитува. Таа не смее да се фалсификува и оваа власт тоа мора да го разбере. И ќе го разбере на 27 април. Ова не е волјата на народот. Борбата за слобода и демократија продолжува.“- истакна Заев.