Мостот од кај ОУ „Христо Узунов“ ќе се дислоцира на нова локација

Веќе подолго време безбедносниот мост над улицата „Питу Гули“ е затворен. Иако мостот им служеше на децата од ОУ„Христо Узунов“, но и на жителите од Горна Влашка маала за безбедно преминување преку оваа улица, сега ќе мора да се дислоцира. Виновници за тоа се вандалите, кои немилосрдно удрија по него: кршеа, корнеа, руинираа кај ќе стигнат и што ќе стигнат. Токму за тоа, овој мост беше затворен и не е во функција на училиштето, односно учениците, па и останатите граѓани.

„Мостот беше во права смисла направен за безбедност на поминување на улицата „Питу Гули“, меѓутоа не ја изврши својата функционалност. Го затворивме во последно време, бидејќи имаше доста девијантни појави, знаете на почетокот на минатата школска година тој беше реновиран, ставен во функција за поминување на пешаците и нашите ученици од училиштето, но сепак функцијата не ја оправда како што е поставен. Во последно време исто така имаше корнење на таблите, кршење на пластиката, и во одреден период одлучивме да ги држиме вратите затворени, бидејќи е поставена нова светлосна сигнализација на семафорите, една од најмодерните во Република Македонија, поставени се забавувачи на брзината на коловозната лента и секако оградите кои што се на самата крстосница. Претежно во вечерните часови имаше доста собирање и недолично однесување на одреден број на граѓани од Охрид, така да побезбедно е да биде заклучен во овој момент, отколку да функционира.“ – изјави за WebOhrid, директорот на ОУ „Христо Узунов“, Тони Симоновски.

Како што рече директорот Симоновски, до надлежните било доставено барање за дислокација на мостот, која најверојатно ќе биде на потегот од Билјанини извори до Свети Наум.

„Ние како училиште веќе доставивме барање за негова дислокација и мислам дека на тоа барање веќе се работи. Ние имаме препорака на две-три локации, меѓутоа сепак е надлежен Фондот за патишта и најверојатно Локалната самоуправа кај што смета дека би имало потреба, можеби тој би бил на потегот кај одморалиштата и хотелот Бетон, бидејќи тука е доста фреквентно, меѓутоа може да биде поставен и на било кое место од потегот од Билјанини извори до Свети Наум.“ – вели Симоновски.

WebOhrid