Владата на Република Македонија продолжува со реализација на политиката на отвореност и давање на еднакви шанси и еднакви можности на сите квалитетни и способни кандидати за извршување на раководни позиции на ниво на државната управа.
Во оваа смисла објави јавен повик за пројавување на интерес за ангажман на четири позиции и тоа:
-директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој;
-генерален конзул на Република Македонија во Минхен, Сојузна Република Германија;
-економски промотор во Шангај, Народна Република Кина;
-економски промотор во Монтреал, Канада.
Повикот за првите две позиции е распишан од страна на Владата, а за позициите на промотори од страна на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
На јавните повици за овие позиции може да аплицираат сите граѓани кои поседуваат образование и работно искуство, знаења и вештини, идеи и мотивација, и кои се подготвени да придонесат во реализацијата на реформите и проектите во сите општествени сфери.
„Сакаме да потенцираме, дека иако оваа можност е отворена за секого, приоритет на Владата во овој процес не е да се обезбеди масовност, туку повик за овие позиции да аплицираат најквалитетните и најспособните кандидати, кои со своите вештини и знаење ќе придонесат за реализација на целите и интересите.
Во однос на повикот распишан од Владата битно е да се истакне следното.
За позицијата директор на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, потенцијалните кандидати треба да се државјани на Република Македонија, да имаат завршено високо образование, и да имаат петгодишно работно искуство. Во поглед на работно искуство, не е определена сферата во која треба да се има тоа работно искуство, но добро е кандидатите истото да го стекнале во областа на економијата, земјоделството, правото, менаџментот и останати сродни струки или сродни перформанси во областа за која се аплицира.“- истакна на прес-конференција, портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев и додаде:
„За позицијата генерален конзул на Република Македонија во Минхен, Сојузна Република Германија, кандидатот е потребно да има завршено високо образование, да е државјанин само на Република Македонија, да поседува меѓународно признат сертификат за познавање на англиски јазик – ЦАЕ (CAE), ИЕЛТС (IELTS) ТОЕФЕЛ (TOEFL),ТОЕФЕЛ ЦБТ (TOEFL CBT), ТОЕФЕЛ ИБТ (TOEFL IBT) или друг меѓународно признат сертификат за познавање на англискиот јазик со ниво на познавање еквивалентно на Б2 (В2) ниво на ЦЕФР (CEFR) издаден од лиценцирано јазично училиште или друг лиценциран субјект за издавање на јазични сертификати, активно да владее со германскиот јазик, да биде афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи. Во случај кога кандидатот за генерален конзул е од составот на дипломатско-конзуларните службеници потребно е да има стекнато високо дипломатско звање.
Заинтересираните кандидати потребно е да достават: пополнета апликација, која може да се најде на веб страната на Владата на РМ – www.vlada.mk/konkursi/apliciraj, лична биографија (CV) не поголема од 5 страни, мотивациско писмо од најмногу 500 зборови во кое задолжително ќе биде наведена позицијата за која кандидатот аплицира. Краен рок за аплицирање е 27-ми декември 2014 година.
Досегашните вршители на овие раководни функции, Тони Димовски и Сашо Марковски, добиваат нови позиции во областа на надворешната политика, кои ќе бидат презентирани по завршувањето на целокупната дипломатска процедура каде што битна компонента е дискретноста на процесот до неговото завршување.“ рече Ѓорѓиев.
Во однос на повикот кој е распишан од страна на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, за позициите економски промотор во Шангај и економски промотор во Монтреал, Ѓорѓиев рече дека кандидатите треба да ги исполнуваат следните услови: завршено високо образование, релевантно работно искуство од најмалку две години по завршување на високото образование во области сродни на позицијата за која се аплицира, одлично познавање на англискиот јазик, познавање на јазикот од говорното подрачје на земјата во која аплицира, како и способност за презентација, комуникациски вештини, тимска работа, покренување иницијатива и проактивност.
„Тие треба да имаат профил на продавач на производот кој нашата земја го нуди на ова поле а тоа се одличните поволности и погодности за странските инвеститори за отворање на бизнис и нови работни места во Република Македонија, производ претставен преку најниските трошоци за водење на бизнис во Европа, квалификуваната работна сила и поволностите во технолошко – индустриските развојни зони.
Заинтересираните кандидати за овие позиции треба да ги достават следните документи: мотивациско писмо (треба да содржи максимум 500 зборови и во него задолжително да биде наведено за која земја или земји се аплицира) и кратка лична биографија, и тоа или на е-маил: ekonomski_promotor@investinmacedonia.com или по пошта или директно во архива на Агенцијата.
Уште еднаш ги повикуваме сите заинтересирани да аплицираат, и потенцираме дека приоритет при одлучувањето за изборот или именувањето ќе бидат квалитетот и способностите на кандидатите.“-заврши Ѓеорѓиев.