Претседателот на СДСМ Заев се сретна со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и заменик претседателката Радмила Шекеринска, денеска остварија средба со амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав.

Претседателот Заев го информираше амбасадорот Орав за последните случувања, откако власта на Никола Груевски се обиде со политички монтирана постапка против лидерот на опозицијата да спречи објавување на аргументи и факти за нејзиното криминално владеење.

Објавување на докази и аргументи за криминал на власта не може да биде државен удар.

Обврска и должност е на секој што добил такви докази да ги објави, посочи лидерот Заев.

Не може да биде уцена и обид за државен удар легитимно барање на лидер на опозиција за формирање на техничка влада, која би обезбедила услови за спроведување на фер и демократски избори, рече Заев.

Претседателот Заев ја акцентираше евидентната контрола врз судството и медиумите од страна на власта.

Националниот сервис, МРТВ, реализираше медиумска блокада на клучните изјави и ставови на СДСМ. Обраќањето на Никола Груевски го пренесе во живо, интегрално, а од обраќањето на лидерот на опозицијата пренесе помалку од 40 секунди во Дневникот.

Начинот на известување на медиумите за овие настани, необјективно, непрофесионално и наклонето кон власта уште еднаш ја потврдува медиумската контрола на власта, констатирана и во извештаите на ЕУ, рече Заев.

Претседателот на СДСМ му соопшти на амбасадорот Орав дека СДСМ ќе продолжи легално и легитимно да се бори за конечно враќање на слободата и демократијата во Република Македонија.

Ќе објавиме се што имаме, акцентираше Претседателот на СДСМ, Зоран Заев.