Претседателот на СДСМ Зоран Заев денес одржа прес конференција, на која истакна:
„Почитувани присутни, почитувани граѓани, претставници на медиумите,
Вистината за Македонија си ја бара светлината на денот. Салата за прес конференции во којашто го почнавме проектот, стана претесна. Од денеска домаќин на Вистината за Македонија е Кампот на слободата, овој Камп на слободата што ќе ги донесе долгоочекуваните промени за сите во државата, па и за оваа кутра зграда на Владата на Република Македонија, заробена во фушерајски составен гипс картон!
Како што ветив, продолжуваме со проектот Вистината за Македонија.
Најавувам:
-И досега докажавме се, со каква расипничка власт на чело со Груевски си имаме работа. Но, Не прекинуваме додека граѓаните на Македонија не ја дознаат целата вистина!
-Не застануваме додека не ги оспособиме институциите, да ги преземат коруптивните, криминални, противзаконски афери што го тресат владиниот состав на Никола Груевски, но пострашно, ја тресат иднината и стабилноста на Република Македонија!
Ја испраќам пораката:
Три оставки не се доволни! Не се мачи Груевски и не барај нови жртви!
Твојата оставка ја бара Република Македонија! Ти си налогодавачот и ти си нарачателот на матните игри.
Почитувани граѓани,
Од кумот на Никола Груевски, Зоран Ставрески слушнавме признание како тие во власта “не се нормални“. Тоа се зборови на Ставрески.
На денешната прес конференција Никола Груевски ќе ви признае: “Не и оди работата на оваа Влада. Еден голем проект не и тргна на Владата. Една хидроцентрала не изгради Владата“. Од Груевски ќе слушнете како тој, за себе и за соработниците, лично вели: “Нас нешто ни фали“!
За да го покрие она што “фали“, Никола Груевски, од позиција на премиер, најдрско влегол во невидено беззаконие, со што се потврдува во незапаметена фигура на политичката сцена на независна Македонија.
Аудио снимките на денешната прес конференција ќе ги исцртаат јасно контурите на владетелот кој за да опстои, ги поништил Уставот и законите и станал “deal oriented“, а потоа тоа го побарал и од своите најблиски соработници.
Слушнете ги првите два разговора помеѓу Никола Груевски и Миле Јанакиески.
Што повеќе треба од ова признание, за самиот Никола Груевски во овој момент да излезе од неговата канцеларија? Треба уште?! Ќе вадиме. Ќе вадиме `се додека него не го извадиме од Владата.
Ајде продолжуваме.
Внимателно слушнете го следниот разговор. Овде станува збор за една таква, мешана фирма, чешко-бугарско-македонска, со којашто Груевски очигледно и лично постапил како “deal oriented“, она што го бараше од Миле во претходниот разговор. Според аудио разговорот, ова фирма добила тендер “по линија“. “Линијата“ ја знае Груевски, како што самиот му признава на неговиот послушник од ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, и она што е во натамошен интерес на премиерот е патот на 350 милиони. Всушност дали тие завршиле кај братот на вториот најблизок соработник на Груевски, Гордана Јанкулоска, која тој, заедно со Јанакиески, ја испрати во историјата. Другиот разговор во овој сет открива колку грчевито Груевски се заложувал да се сруши Драмскиот театар, а новиот објект да биде со деловни простории. Разговорот е со Јанакиески, човекот кој не знаел да му рече “не“ на Груевски, а сепак и тоа не било доволно.
Следуваат разговорите на Груевски со Чинговски и со Јанакиески.
Се смееме, а ни се плаче, нели?! Кој човек ни ја раководи државата?!
И уште го нема да излезе од зградата на Владата. Добро. Ќе продолжиме.
Ако речам дека нема да ви се верува она што следно ќе го слушнете, веројатно нема да бидам во право, зашто после `се што доживеавме и слушнавме, ` се ни е за верување.
Но следниот сет снимки говори за уште еден вид беззаконие нарачано лично од Груевски. Тука ќе видите како сопственик на фирма од Неготино, во чиишто цистерни биле најдени 5 ипол тони недозволива, црвена нафта, е ослободен од казните на неколку институции, по налог на Груевски, само затоа што тој бил донатор на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу вмешаните во скандалот по директива на Груевски е Митко Чавков, новиот министер за внатрешни работи, кого Груевски го назначи на местото на Јанкулоска. Меѓу вмешаните во скандалот е вчера унапредениот Горанче Савовски, новиот директор на Бирото за јавна безбедност, тогашен началник на Централните полициски служби во МВР. Меѓу вмешаните е и Горан Трајковски, директорот на Управата за јавни приходи.
Следните разговори се меѓу Јанкулоска и Савовски и Јанкулоска и Трајковски.
Лицемерието на Груевски не вреди да се кометира.
Почитувани граѓани,
Никола Груевски не само што менувал урбанистички планови и закони за лични цели, не само што работел противзаконски – Груевски влегол и во архивите на институциите. Од снимките ќе слушнете како тој менаџирал да снема оригинален документ од архивата на МВР! Тоа е писмо од директорот на Управата за цивилна и воздушна пловидба кој до МВР се жалел на односот на сопругата на Ѓорѓе Иванов.
Слушнете што се случувало лично од Груевски и Јанкулоска.
Да, малку е чудно Ѓорге да го нема, а да ја има Маја, но снимките откриваат дека сопругата на Иванов била фактор, таа менувала директори.
Ех, ова ли е нашата чудесна Македонија?
За жал ова е нашата Македонија, почитувани граѓани. И ова сеуште е само мал дел од богатата ризница на злодела, со што власта на Никола Груевски ја донесе земјава до мизерија и пропаст.
Ќе продолжиме со снимките што ги поседуваме, а се сопственост на Република Македонија, затоа што граѓаните имаат право да ја знаат вистината, а ние имаме должност да ја обелодениме докрај, како што ветивме на почетокот на процесот.
Никола Груевски можеби денеска не излезе од оваа зграда.
Но ќе излезе. Ќе излезе, не затоа што СДСМ така сака, не затоа што така сакаат над 80 невладини и граѓански организации, не затоа што тоа го посакуваат граѓаните од различна политичка определба, лева и десна, туку затоа што Груевски нема повеќе ниту што да каже, ниту што да лаже.
Имаш право Груевски. Нешто ти “фали“. Ти недостига совест. Ти не можеш повеќе да бидеш премиер. Прекини го овој срам што и го правиш на Република Македонија и напушти го премиерскиот кабинет.
Преодна влада е решение за кризата. Нема назад!
Почитувани граѓани, ова зло да не дозволиме никогаш да се повтори.
Најавувам дека дел од аудио материјалите ќе имате можност да слушнете и во вечерните часови, во рамки на редовната програма во Кампот и ќе повторам, нема да застанеме додека не отвориме пат за иднината на Македонија.
Тоа е можно и тоа е достижно.
Продолжуваме…“- рече Заев.