Работилница на ЕАВЕ со врвни филмски експерти во Скопје

Исклучително голем и важен настан за филмската дејност во РМ, за нашите филмски работници и за нашата земја која веќе станува препознатлива како филмска индустрија …

Над 20 филмски експерти од релевантни институции, како Еуримаж, Креативна Европа, од неколку европски филмски центри, и 48 продуценти од триесетина земји, меѓу кои Бразил, Аргентина, Сингапур и од цела Европа, ќе учествуваат на работилницата на ЕАВЕ (Европски аудиовизуелни претприемачи) во Скопје од утре до 1 јули.

ЕАВЕ е најголема продуцентска мрежа која веќе 27 години работи на вмрежување на продуцентите, нивна едукација и развој на филмски проекти. Организира по три работилници годишно, од кои првата е секогаш во Луксембург, а втората и третата во други градови. Работилниците на ЕАВЕ им помагаат на продуцентите заедно со сценаристите да ги подобрат сценаријата за филмски проекти, да ги развијат финансиските и продажните аспекти.

Директорот на Агенцијата за филм на Република Македонија Дарко Башески на прес-конференција рече дека до оваа работилница стигнале по пет години разговори со ЕАВЕ.

„Благодарение на довербата во нашата институција, ЕАВЕ оваа година одлучи втората од вкупно три годишни работилници да се организира во Скопје. Исклучително голем и важен настан за филмската дејност во РМ, за нашите филмски работници и за нашата земја која веќе станува препознатлива како филмска индустрија, благодарение на стимулативните мерки за подигање на нивото на филмската продукција и инокорпорирање во сите европски текови во филмската дејност“, рече Дарко Башески.

Во рамки на настанот ќе има дводневна работилница специјално наменета за домашните продуценти, да ги развијат своите проекти во консултација со меѓународните експерти кои ќе бидат во Скопје. Тоа ќе бидат четири проекти: „Слобода или смрт“ на режисерот Владимир Блажевски, продуцент Дарко Попов, „Шеќерното дете“ во режија на Игор Иванов-Изи, продуцент Томи Салковски, „Дедо и внук“ на режисерот Илија Пиперковски и продуцентот Огнен Антов, и „Хепинес“ на Борјан Зафировски, режисер и продуцент на проектот.

Башески ги повика домашните продуценти кои се уште не се пријавиле за учество, да аплицираат зашто бројот е ограничен. Тие ќе имаат можност да слушаат предавања од експертите во сите седум дена на работилницата на ЕАВЕ. – Ќе имаат голем бенефит бидејќи експертите што доаѓаат се врвот на светотко знаење во филмската индустрија, истакна Башески.

Настанот го поздрави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочувајќи дека работилницата ќе биде извонредна можност македонските продуценти да разменат вештини, знаења и искуства со повеќе свои колеги и експерти и заедно да изградат професионална мрежа за понатамошно успешно работење и реализација на нови копродукциски проекти.

„Уверена сум дека оваа работилница ќе биде исклучително полезна и во функција на пронаоѓањето ефикасни механизми за промоција на филмското наследство, кое не само ја афирмира културата на една земја, туку претставува и значаен генератор на економската благосостојба на државата. Во овој контекст би сакала да апелирам до сите македонски продуценти да учествуваат на овој исклучително значаен настан“, рече Канческа-Милевска.

Главен менаџер на работилницата на ЕАВЕ во Скопје е Сату Ело, која исто така подвлече дека настанот овозможува професионален развој и кариера.

„Некои од проектите кои се развивале на ЕАВЕ имале можност да влезат во компетитивните програми на фестивалите во Берлин и Кан. Настаните на ЕАВЕ овозможуваат остварување контакти во работата на проектите. Го објавивме и повикот за аплицирање за работилниците на ЕАВЕ за наредната година и би сакала да учествуваат и некои од македонските продуценти. Се работи за компетитивна селекција и само 30 проценти од доставените пријави успеваат да бидат учесници“, рече Ело.

На работилницата на ЕАВЕ во Скопје ќе има 48 директни учесници кои биле прифатени од вкупно 166 апликанти.

08_filmski_fond