Со работилница за деца „Како настанува книгата“ денеска почнува неофицијалниот, пред фестивалски дел од програмата на 54. Издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата, чиј официјален дел ќе се одржи од 26-ти до 31-ви август во Струга.
Во рамките на Фестивалската програма вечер ќе биде отворена неделата на поетски и документарни филмови посветени на поезијата, што ќе се реализира во соработка со Фестивалот на поетски филмови „Зебра“ од Берлин, Германија. Покрај изборот од неколку кратки поетски филмови вечерва ќе биде прикажан и документарниот филм „Звуците на Ариранг“ посветен на добитникот на Златниот венец за 2014 година, корејскиот поет Ко Ун (21:00, Летна сцена на Домот на поезијата). Филмот е во продукција на Македонската радио телевизија, работен по сценарио и режија на Диме Ратајкоски.
На фестивалската програма утре ќе се одржат книжевни промоции на македонската поетска продукција.
Официјалниот дел од Фестивалот ќе почне в среда, еден ден порано од претходните години, кога почнуваше во четврток, со традиционалното засадување дрвце во Паркот на поезијата, во чест на лауреатот, кинескиот поет Беи Дао, читање на Константиновата Т`га за југ, а годинава поетско послание ќе има познатиот сириско-либански поет со светска слава Адонис, кој ќе се обрати во име на сите поети учесници и лауреати на Златниот венец кој годинава одблежува 50 години.
Традиционално на затворањето на манифестацијата „Мостови“ ќе бидат врачени наградите „Златен венец“ на кинескиот лауреат Беи Дао, „Мостови на Струга“ – за дебитантска поетска книга на млад странски автор на Паула Бозалонго од Шпанија и на македонскиот поет кој ќе ја добие наградата „Браќа Миладиновци“.