Со голема почит и силно изразена поддршка за промени, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, беше пречекан од граѓаните, занаетчиите, дуќанџиите и пазарџиите од Бит пазар и Старата скопска чаршија.
Видливо беше задоволството од посетата на претседателот на СДСМ. Срдечни поздрави и охрабрувачки пораки да продолжи по патот на вистината, правдата и правичноста, на патот што треба да донесе промени, нормализација и економски напредок на државата.
Занаетчиите, дуќанџиите и пазарџиите се жалат дека прометот постојано им опаѓа. Сите чувствуваат дека народот нема пари, едвај крпи ден за ден, дека економијата тоне. Потребни се промени.
„Со оваа власт, со овие ајдуци не оди. Ќе ги менуваме„ рече еден од продавачите на Бит пазар. „Со тебе сме Зоки“ довикна друг.
„Заедно ќе ги менуваме работите. Вака повеќе не оди. А оној којшто се огрешил, ќе одговара пред законите“ возврати претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„Ова заедно што го започнавме заедно да го истуркаме до крај. Да си ја нормализираме државата и да отвориме пат за економски напредок. Да создадеме услови за достоинствен живот за сите“ додаде Заев.
На средбата со занаетчиите, еснафите од Старата скопска чаршија претседателот Заев разговараше за проблемите со коишто се соочуваат.
Занаетчиите се пожалија на лошите економски услови, големите давачки, високите казни… Бараат нови политики кои ќе значат подобрување на условите за работа и развој на занаетчиството како значајна гранка. Ако нешто не се промени брзо, занаетчиството и чаршијата ќе замрат целосно.
Чаршијата е душата на меѓуетничка Македонија. Симболот на меѓусебната соработка за подобар живот. Недозволиво е да биде вака понижена, рече претседателот Заев.
Тој го образложи концептот на СДСМ и опозицијата за директна поддршка на малите и средни претпријатија коишто значително ќе влијаат за подобрување на состојбите.
„Малите и средните претпријатија, во коишто е и занаетчиството, се иднината на државата. По тоа се разликува нашиот концепт од оној на власта. Ние се залагаме за директната поддршка на огромен број мали фирми и тоа сметаме дека е драгоцено и носи поголем развој од поддршката на мал број, големи фирми„ рече Заев.
Посетата на Старата скопска чаршија, претседателот Заев ја продолжи на средба со граѓаните во локална чајџилница.
Граѓаните коишто го среќаваа претседателот на СДСМ прашуваа дали е можно после сè што се случуваше изминатите 9 години Македонија се придвижи напред.
„Јас сум убеден дека можеме да бидеме земја за почит во којашто секој ќе може да си го најде местото и да живее достоинствен живот“ рече Заев.
https://www.youtube.com/watch?v=2lbsmLWcTeI