Претседателот на СДСМ Заев се сретна со европратениците Ховит, Кукан и Вајгел

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката Радмила Шекеринска, се сретна со европратениците Ричард Ховит, Едвард Кукан и Иво Вајгел.

На средбата се разговараше за спроведувањето на Договорот од Пржино и потребата од негова суштинската имплементација.

Претседателот Зоран Заев рече дека Договорот од Пржино е единствена можност за излез на Македонија од политичката криза и дека само негово целосно спроведување може да создаде услови за одржување на фер и демократски избори.

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ги исполни сите обврски од Договорот. Продолжуваме со нашата посветеност и очекуваме сите страни да ги исполнат своите обврски како што е предвидено. Политичките партии имаат обврска пред граѓаните да ги исполнат очекувањата за слободни, фер и демократски избори“ рече Заев.

Претседателот Заев изрази жалење што не се спроведуваат реформи во клучни области, директно поврзани со изборниот и предизборниот процес.

Регулирањето на состојбата во медиумите и прочистувањето на Избирачкиот список не се обврски само од Договорот од Пржино. Овие две области, уште пред објавувањето на проектот Вистината за Македонија, сите релевантни меѓународни организации ги посочија како клучни сфери во коишто мора да се спроведат сериозни реформи за обезбедување на гаранции за фер и демократски избори,- рече Заев.

„Слободата на медиумите и слободата на говорот се директно поврзани со демократскиот амбиент во предизборниот период. Прочистен, кредибилен Избирачки список ја враќа довербата кај граѓаните во овој исклучително важен сегмент од изборниот процес којшто треба да гарантира почитување на слободно изразената волја на граѓаните. Впрочем, тоа е и законска обврска“ додаде Заев.

Императив на Договорот од Пржино е кристално чист предизборен и изборен процес. Само целосно исполнување на договореното ќе и даде шанса на иднината на Република Македонија како слободна, демократска и европска држава, заклучи претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

sredba11.1.16