Заев: Граѓаните покажаа, гласот победува!

Обраќање во чест на 11 октомври
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Граѓански марш “Борбата продолжува, гласот победува“
Скопје, 11.10.2016

Граѓаните покажаа, гласот победува!

За правичен живот на Љулета, на Сања, на Ирена во Македонија
За достоинствен живот на Васко во Македонија
За успешен живот на Ивана во Македонија
За спокоен живот на Ѓорги во Македонија

За живот на сите нас

За живот на сите нас, живот во Македонија, живот во нашата заедничка Македонија

Низ овој масовен граѓански марш:
-Младински марш
-Марш на зрелоста
-Maрш на иднината

Кажавме, покажавме:
Да, ние граѓаните склучивме сојуз! Ние, поединци, групи, граѓански здруженија, членови и симпатизери на леви партии, шарени, на центарот, на десни партии, на демократски двиижења, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци… ние граѓаните на Македонија.

Ние, граѓаните на Македонија, го кренавме !

Низ секој цврст чекор што го направивме во ритамот на тапанот,
Низ секоја отсвирена нота со која запеја нашата надеж,
Низ секој изречен збор со којшто ја соопштивме својата одлучност,
Заечи и прозвучи гласот!

И денеска, на овој светол датум 11 октомври,
Врежан со црвено во колективната меморија на сите генерации на денешнината,
гласно потврдивме.
Да, Борбата продолжува!

Се излеавме илјадници токму денеска, на денот на народното востание, на денот на антифашистичкиот отпор, на денот на народноослободителната борба. Марширавме по булеварот Партизански одреди во чест на Скопскиот партизански одред, Прилепскиот партизански одред, Козјачкиот, Кавадаречкиот, Крушевскиот, Битолскиот, Кичевскиот, Кумановскиот партизански одред…

Застанавме овде, до паркот Жена борец, во чест на Вера Ацева, Вера Јоциќ, Елпида Караманди, Фана Кочовска – Цветковиќ, Мара Нацева, Естреја Овадија – Мара, Ибе Паликуќа…

Застанавме во близина на плочата на првата храбра партизанка Невена Георгиева Дуња, во близина на училиштето Раде Јовчески – Корчагин, за да порачаме:

Нивната борба за слобода е и наша денешна борба за слобода!
Тие се кренаа, се бореа и се изборија. И ние се кренавме, се бориме и ќе се избориме!
Нашето оружје е нашиот глас!
Почитувани потомци на храбрите партизани и партизанки,

И ние се бориме и ќе се избориме за слобода, правда, правичност и еднаквост,
Како што тие ја наоѓале инспирацијата во иднината, додека го топеле снегот без задршка, со таква пожртвуваност и ние избираме иднина.

Почитувани граѓани, другарки и другари, соборци и соборки,

Потребна е свест за заедничка цел!
Не е време за мали планови!
Дојде време што `не прозва секој од нас поединечно.
Дојде време да бидеме одговорни и да ја понесеме одговорноста за нас и за идните генерации.
Дојде време да и дадеме ветување на Република Македонија, во име на сите кои ги дадоа животите за нас и за нашата заедничка татковина и во име на генерациите што доаѓаат по нас.

Ете затоа беше толку важен овој граѓански марш што ја покажува нашата одлучност.

Марширавме за враќање на државата во рацете на граѓаните.
Ја одземаме од мафијата и фамилијата на Никола Груевски!
Марширавме за враќање на парите кај граѓаните!
Ќе ги вратат, до денар, се што украдоа!
Марширавме за достоинствени плати од кои се живее, а не се преживува.
Марширавме за заштитени и задоволни работници, за силни мали претпријатија што ќе добијат голема помош од државата.
Од каде пари?
Ете оттаму пари, ќе ги вратат украдените пари!
Буџетот по декември нема да се полни само од одговорните граѓани кои си плаќаат даноци. Ќе се полни и од парите на граѓаните украдени и разнесени по рајски земји!

Марширавме за добар живот на сите граѓани во Македонија.

Марширавме за деца да не просат по улиците,
Семејства да не гладуваат по домовите,
Родители да не плачат по аеродромите.

Марширавме за кров за секој човек.

Марширавме за здравство што лечи, а не убива,
За знаење кое учи, а не за образование на кое се робува.

Марширавме за државен систем што помага, а не којшто повредува.

Денес повторно е 11 октомври, почитувани граѓани,
Знам, а знаете и вие.
И 11 октомври 2016 ќе биде врежан со црвено. Зашто и генерациите на денешнината на кои им припаѓаме, исто како и партизаните од 11 октомври 1941-та, со својата одлучност, храброст, решителност, мудрост, се кренаа во одбрана на идеалите оставени во аманет. Во одбрана на вредностите, вистината и правдата. Во одбрана на своето достоинство, на иднината на нашите деца и на нашата единствена Република Македонија.
Како што во 1944-тата година беше одбранета Македонија, и ние ќе успееме да се одбраниме себеси, нашите деца, Република Македонија.

Нека ни е честит 11 октомври, денот на народното востание, и сите да сме горди!
Испишуваме историја. Рушиме режим.
А си ја враќаме слободата! Отвораме пат на животот!

Погледнете, Васко, Ивана, Ѓорги
Наслушнете сите.
Денешниот марш, нашиот марш е Марш на нашиот глас.
Овој марш веќе најави: Гласот победува!

Почитувани граѓанки и граѓани на Македонија,
Придружете се, победуваме, победува граѓанска Република Македонија!