Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, заедно со сопругата г-ѓа Маја Иванова, денеска ги примија учесниците на 46-то издание на фестивалот за детски песни „Златно славејче”, што се одржува под негово покровителство.
Претседателот Иванов упати честитки за успешното реализирање на фестивалот, што се одржа по четириесет и шести пат, посакувајќи следната година уште многу нови детски хитови, коишто ќе бидат обележје за идните генерации.
Златните славејчиња низ песна се заблагодарија за денешниот прием како и за континуираната поддршка од македонскиот претседател. Директорот на фестивалот Бобан Јосифовски изрази задоволство што „Златно славејче” од година во година забележува се поуспешна реализација.
На годинешното издание на „Златно славејче” беа изведени 15 нови песни. Како и минатата, така и оваа година, на фестивалот учествуваа гости од соседните земји кои своите песни ги изведоа на македонски јазик.
Фестивалот „Златно славејче” е организиран од Советот за грижи и воспитување на децата на град Скопје и се одржува од 1970 година.