Свечено одбележан патрониот празник на ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти

Со свечена приредба во Центарот за култура „Григор Прличев“, Основното училиште „Живко Чинго“ од Велгошти вечерва го одбележа патрониот празник на училиштето. Овогодинешната програма за свечената приредба беше на тема: „На крилјата на љубовта“.

Пред присутните во салата се обрати директорот на ОУ „Живко Чинго“, Ѓоко Чингоски, кој најпрво се заблагодари на сите присутни во салата за како што рече нивното доаѓање за прославата – патронен празник на ова училиште.

„Веќе 141 година ОУ „Живко Чинго“ е колевка на образовани и воспитани генерации, кои понатаму успешно чекорат во животот, притоа наоѓајќи го своето место високо под сонцето. Постојаното подобрување на инфраструктурните услови во училиштето, осовременувањето на наставата со современи нагледни средства и помагала, учество на бројни натпревари во знаење и спорт, промовирање на нашите успеси и активности, како и стручното усовршување на наставниот кадар, се нашата единствена определба.“– рече во своето обраќање, Чингоски.

Директорот Чингоски потсети дека во изминатиот период значително се подобриле условите за настава и работа во ова училиште.

„Со помош на Црковниот Одбор целосно се доуредија надворешните скали, со што се подобри естетскиот изглед на училиштето и се зголеми безбедноста на учениците. Исто така со недколу обезбедени донации се набавија 3 паметни електорнски табли, се опремија кабинетите по математика, физика и географија , со што учениците во нашето училиште следат современа настава, со најнова образовна технологија. Во тек е оградувањето на училиштето и училишниот двор, проект за кој долго време се залагавме, се со цел нашите деца да бидат што побезбедено и посигурни за време на нивниот престој во училиштето. Условите во кои учат нашите ученици и во кои работат нашите колеги се на многу завидно ниво, и со сигурност може да се каже дека ги следат светските трендови. По ставањето во функцја нa спортската сала Тодор Александров пред неколку години, нашите ученици добија идеални услови за спортување и здрав живот, а исто така салата се користи и за големи спортски настани. Секоја година по повод роденденот на Тодор Александров, 4 март, нашето училиште е домаќин организатор на спортска манифестација со учество на ученици и екипи од сите училишта од општина Охрид и општина Дебрца.“- додаде Чингоски.

Директорот Чингоски на најуспешните ученици им врачи награди, како и благодарнци на заслужните субјекти.

Во продолжение на прославата следуваше богата програма во изведба на учениците од ОУ „Живко Чинго“ – Велгошти.

WebOhrid