ОО СДСМ Дебрца испрати соопштение до медиумите во кое стои:
„Ако имаше малку доблест, а ја нема, Трајкоски ќе им кажеше на граѓаните на Дебрца колку пари од Буџетот на општината трошел за гозби и ручеци.
А, очигледно е дека човекот баш многу милувал да се гоштева и затоа на општинска сметка се јадело и пиело без мерка.
А и зошто не? Туѓите пари најлесно се трошат. Ако државата / општината го плаќа цехот, за цената не се прашува.
Од завршните сметки на општината се гледа дека во изминативе четири години само за ставката „репрезентација“, односно за гозби и ручеци, од џебот на граѓаните Трајкоски потрошил 1.185.520 или 19.340 евра.
Ако кон овој износ се додадат и потрошените средства за набавка на прехранбени продукти и пијалоци, кои во најголем дел се користени за потребите на кабинетот на градоначалникот, во вкупен износ од 558.329 денари, произлегува дека за ручеци и пијалоци општината потрошила 1.743.849 денари или 28 448 евра, износ кој е премногу голем за општина со ограничени финансиски ресурси.
По локалните избори и смената на актуелната локална власт ќе и ставиме крај на ваквата практика.
Драстично ќе ги намалиме сите непродуктивни трошења како што се трошоците за репрезентација, дневници за службени патувања, за службени телефони, за весници.
Наспроти тоа, приоритет ќе имаат проектите од животно значење за граѓаните и социјалните трансфери.“ – стои во соопштението од ОО СДСМ Дебрца.