ПОПГМ: Македонија победи – граѓаните гласаа за живот за сите

Партијата на обединети пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ), го поздравува изборниот триумф на коалицијата „За живот во Македонија“. Во соопштението стои:

„Вчера, Македонија победи-граѓаните гласаа за живот за сите.

ПОПГМ упатува отворена честитка до сите граѓанки и граѓани во земјата, кои ја покажаа својата демократска зрелост и во мирна и демократска атмосфера, со пенкало и гласачко ливче, го поразија Груевизмот, ја казнија Фамилијата, го понижија Никола Груевски и криминалното братство околу него.

Во казната на Никола Груевски и криминалното раководство кое го предводи, гласаше демократска, освестена Македонија.

Заслугата за тешкиот пораз забележа ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, пред се, им припага на гласачите, кои одбраа светлина наместо мрак, како и на членството и симпатизерите од широката коалиција „За живот во Македонија“, составена од повеќе од 20 политички субјекти и предводена од СДСМ, односно нејзиниот лидер Зоран Заев.

Во триумфот на коалицијата, помогна и султанизмот на самиот Никола Груевски, кој доби клоца и од многумина од неговата партија, и не само од „реформаторите“, затоа што срамот што им го нанесе, многумина одбија да го перат со неговите валкани раце! Со нив тој ги испогани односите со соседите, со ЕУ, со САД.

ПОПГМ, ја користи приликава, да упати благодарност до своето членство и симпатизерите, кои несебично се вложија во победата, поаѓајќи не од тесните, туку од пошироките народни интереси за промена на злото и за просперитет на сите.

Како дел од заедничката коалиција, ПОПГМ даде скромен, но значаен придонес во победата во педесетина општини и во враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски во неговата реална мера – трета партија по успех, зад СДСМ и ДУИ, со освоени градоначалници во едноцифрен број и со победа во Сопиште, Петровец, Илинден, Зрновци, Чешиново-Облешево и Пробиштип!“ – се вели во соопштението од ПОПГМ.