СДСМ: Битката во првиот круг заради познатите причини опозицијата можеби ја изгуби, но не ја изгуби и борбата

Во врска со денешната прес конференција на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, реакција испрати ОО на СДСМ, во која стои:

„Со забелешката дека СДСМ од Охрид не им ја честитала победата на ДПМНЕ во првиот круг од претседателските избори, само се потврди фактот дека се работи за една крајно арогантна и самобендисана опција, која го подели народот и внесе анимозитет меѓу граѓаните. СДСМ е сериозна партија, со сериозни намери за доброто на Охрид и за доброто на Македонија –  за доброто на охриѓани и на македонскиот народ. Победа се честита кога е извојувана и конечна. Искрено се честита за нешто што е направено чесно, без трошка сомнеж, а не за една ваква пирова победа, која е постигната со системска кражба на гласовите, со уцени, закани и заплашувања. И сето тоа врз сопствениот народ.

Само систематското режимско владеење и злоупотребата на власта е причината за изборните резултати во првиот круг. Тоа не е слободно изразена волја на граѓаните – тоа е присилно изнудување на гласови со закани, уцени и притисоци или купување на гласови со плаќање пари на одредени ранливи категории на граѓани. Чест на сите вистински и чесни членови од ДПМНЕ кои веруваат и посветено делуваат во рамките на нивната изборна програма и реалните проекти, но брука и срамота е да се дели народот на национална, верска или етничка основа, да се делат гласовите на подобни и неподобни или да се купува достоинството на сопствените граѓани. Затоа сметаме дека за вакви нешта не се потребни честитки, туку укажување и жигосување за да не се повтори. Но тешко дека ова ќе допре до ДПМНЕ, заатоа што нивната единствена желба и цел е по секоја цена да се остане на власт, за да не се откријат криминалните дејаниа на оваа власт во заминување. Меѓутоа, сите криминали на власта пак ќе допрат до народот во наредните денови,и затоа веруваме дека во вториот круг гласачите ќе се одважат и ќе си ја вратат државата повторно во свои раце. Битката во првиот круг, заради познатите причини, опозицијата можеби ја изгуби, но не ја изгуби и борбата. Неа ќе ја добиеме на 27-ми април, кога конечно ќе биде казнет.“– стои во реакцијата на ОО на СДСМ Охрид.