Моменталната состојба и остварениот напредок во однос на положбата на ромските жени и девојки, јакнење на нејзината економска положба, интеграција во образовниот процес и во општеството, справување со проблемите на дискриминација, родовото насилство, раните и присилни бракови… се дел од темите на кои ќе се разговара на неколкудневната Меѓународна конференција „Унапредување и покрај се!“, што почна денеска во Скопје.
„Ова е извонредна можност сите заедно, како институции, меѓународни соработници и партнери, и невладини организации да дискутираме за ова многу значајно прашање. Верувам дека ќе успееме искрено да одговориме на многу прашања, но и заеднички да го одредиме правецот на унапредување на статусот на жената Ромка насекаде“, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов на отворањето на конференцијата.
Република Македонија, рече тој, е препознатлива како пример на земја со традиционално меѓуетничка и меѓуверска толеранција и земја во која се почитуваат разликите. Тоа, додаде Спасов, е една крупна одлика на држава која води грижа за подобрување на животот на сите свои граѓани и која континуирано креира политики за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на сите етнички заедници кои во неа заеднички живеат во современите општествените текови.
„Ова е стремежот пред кој сме исправени во насока на изградба на кохезивно општество кое се стреми кон континуиран економски и севкупен одржлив развој. Македонија сака да се развие во општество во кое граѓаните независно на која етничка заедница и припаѓаат ќе се чувствуваат сигурно и ќе имаат еднакви можности за личен развој и напредок. Општество кое интегрира, а не сегрегира, односно општество кое давајќи им еднакви права и можности на сите, вклучува, а не исклучува“, рече министерот за труд и социјална политика.
Тој додаде дека во рамки на напорите на Република Македонија за промоција и поддршка на родово осетливиот приод во процесот на донесување одлуки на сите нивоа, како и во зајакнувањето на општествената и политичката претставеност на жените во сите сфери на општеството се вметнуваат и приоритетите на жената Ромка.
„Нејзините потреби и проблеми поседуваат низа сличности со другите жени во Република Македонија, но истовремено таа ги чувствува и специфичните проблеми од родовата сфера кои се карактеристични за ромската етничка заедница. Целиот корпус на прашања за позицијата и напредокот на ромската заедница директно се врзува со подобрувањето на нејзината позиција и еманципација. Затоа развитокот на родовите односи во ромската заедница е од примарно значење бидејќи неретко се среќава оценката дека тие живеат во двојна дискриминација и како жени и како Ромки“, истакна министерот Спасов.
Нашите напори кои ги вложуваме во унапредувањето на статусот на жената Ромка во нашата земја, додаде, произлегуваат од Стратегијата и националните акциони планови за Ромите во Република Македонија кои се основата и од кои произлегуваат мерките и активностите од сите области кои директно имаат влијание врз статусот на жената Ромка во ромската заедница односно македонското општество.
Посочи дека во насока на унапредување на оваа категорија граѓани се спроведуваат проекти за инклузија на децата Роми во предучилишното образование, поголема информираност на припадниците на ромската заедница преку ромските информативни центри и бесплатните правни канцеларии, вклучување на невработените Роми во активните мерки за вработување, идентификување на лицата неевидентирани во матичните книги на родени и помош при обезбедување лични документи…
Претседателот на ПС на Советот на Евроа Ана Брасер преку видео обраќање порача дека постојано треба да се работи на унапредувањето на правата, на спречување присилни раселувања, рани бракови, слогани против Ромите, полициска бруталност…
„Ромските жени и девојчиња се соочуваат со слични проблеми кои вклучуваат стереотипи, повеќекратна дискриминација и рано напуштање на училиште, рани бракови, стерилизација и за жал листата продолжува,“ рече таа.
Според неа, е неправедна и таа треба да се подобри, треба да се работи на ромската инклузија во општеството.
Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон смета дека конференцијата е уште една можност да се види каков е напредокот постигнат во оваа сфера и да се истакнат предизвиците кои постојат, а за тоа треба да има точни податоци.