Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска и утре ќе престојува во работна посета на Република Бугарија каде што ќе учествува на вториот Форум за културна соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од централна и од источна Европа.
Во рамките на Форумот, денеска е предвидено министерката за култура да има свое обраќање на панел-дискусијата на тема „Актуелните предизвици во управувањето со културното наследство и размената на културни добра“, а ќе оствари и билатерални средби со повеќе министри за култура на земјите од регионот, меѓу кои и со бугарскиот министер за култура Вежди Рашидов со кого ќе потпишат Програма за културна соработка меѓу двете министерства за периодот 2015-2017 година, а во текот на утрешниот ден и со нејзиниот кинески колега, Луо Шуганг.
На Форумот, кој се одржува по втор пат, присутните министри за култура ќе дискутираат за можностите за воспоставување поинтензивна соработка меѓу земјите од централна и од источна Европа и Народна Република Кина, со цел реализација на проекти во областите од заеднички интерес, вклучително и културното наследство.
Од особено значење е што во рамките на Форумот ќе биде усвоена и Софиската декларација која се однесува на проширувањето на културната соработка меѓу Кина и државите од централна и од источна Европа. Гостите од Форумот, во текот на вчерашниот ден, во Софиската опера и балет присуствуваа на музичко-сценскиот перформанс „Конфуциј“ на Кинеската драмска опера и Танцов драмски театар, кој пред неколку денови имаше исклучителен прием кај македонската публика.